Дуќан во центар на Неготино за 10.000 евра или 10.000 евра за квадратен метар деловен простор во Градскиот трговски центар во Скопје. Вака приближно изгледа ценовникот за локалите низ државава. Во зависност од атрактивноста на деловниот простор се „ѕидаат“ и цените. Ако имате пари и подготвени сте да ги инвестирате во деловен простор, дилемата каде да ги вложите е голема. Агенциите за недвижности се преполни со понуди на дуќани од трговските центри низ државава, но побарување има само за неколку. Kако алва одат тие што се на атрактивни локации како ГТЦ или во трговскиот центар „Бисер“, но затоа со години се продаваат „разработени“ дуќани во скопските „Алуминка“,„Олимпико“ или локали во Штип, Свети Николе или во Прилеп. Реклами од типот 30 квадратни метри за само 10.000 евра станаа секојдневје. Истовремено и во центрите што добро работат има локали кои се затворени поради нерентабилно работење.
Дуќан во центар на Неготино за 10.000 евра или 10.000 евра за квадратен метар деловен простор во Градскиот трговски центар во Скопје. Вака приближно изгледа ценовникот за локалите низ државава.
Во зависност од атрактивноста на деловниот простор се „ѕидаат“ и цените. Ако имате пари и подготвени сте да ги инвестирате во деловен простор, дилемата каде да ги вложите е голема. Агенциите за недвижности се преполни со понуди на дуќани од трговските центри низ државава, но побарување има само за неколку. Kако алва одат тие што се на атрактивни локации како ГТЦ или во трговскиот центар „Бисер“, но затоа со години се продаваат „разработени“ дуќани во скопските „Алуминка“,„Олимпико“ или локали во Штип, Свети Николе или во Прилеп. Реклами од типот 30 квадратни метри за само 10.000 евра станаа секојдневје.
Истовремено и во центрите што добро работат има локали кои се затворени поради нерентабилно работење. Тие се најчесто на катовите и се продаваат или се издаваат со месеци. Во агенциите за недвижности велат дека многу тешко се продава дуќан во помалите градови. Цените за цел дуќан се колку квадратен метар во атрактивните трговски центри во главниот град. Сопствениците на локалите по градовите мака мачат да се ослободат од недвижностите кои сакаат да ги продадат.
- Имам дуќан од триесет квадрати во центарот на Неготино кој не можам да го продадам за 10.000 евра повеќе од шест месеци. Да беше истиот во Скопје веројатно ќе чинеше дваесет пати повеќе - вели Марика Нацова.
Фирмите што работат со недвижности се децидни и велат дека трендот на изумирање на трговските центри, па дури и на цели градови е с` поизразен во последниве десетина години кога деловни простори се нудат на секој чекор.
Оттаму велат дека тоа што се случува во Македонија е тренд речиси во сите балкански држави. Атрактивноста на деловните центри е надвор од централното градско подрачје трае до моментот додека не се понуди нешто ново.
- Македонија има премногу деловни центри на два милиона народ. Отворањето нов во прво време значи намалување на работата на стариот, а со текот на времето и губење на атрактивноста на истиот - велат во Агенциите.
Голем е бројот на граѓаните во градот кој со носталгија се сеќава на времето кога трговскиот центар „Лептокарија“ беше најтрендовското место во градот. Во тоа време квадратен метар на локалите се движеше и до 5.000 евра. По него се отвори „Олимпико“, па популарноста на „Лептокарија“ полека почна да бледее. Сега истиот локал може да се купи за 900 евра квадратен метар.
Според агенциите, засега само два трговски центра во земјава се „безвременски“. Едниот од нив е ГТЦ во центарот на Скопје, а вториот е трговскиот центар „Бисер“ во општината Аеродром. Се очекува за кратко да им се придружи новиот деловен центар „Скопје сити мол“.
- Овие трговските центри работат поради тоа што се душата на општините во кои се наоѓаат, Центар и Аеродром. Новиот центар е во срцето на Kарпош, голем е и е се очекува за кратко да ја смени структурата на пазарење во градот - велат во агенциите за недвижности.
Сопствениците на локалите што се на приземјето на Градскиот трговски центар велат дека во моментот цената на квадратен метар за нивните дуќани е од 7.000 до 9.000 евра. Што се однесува во ТЦ „Бисер“ сопствениците велат дека тој ќе трае вечно зошто е душата на најурбаната населба во главниот град.
- Ова е млада општина, а трговскиот е свртилиште и на млади и на стари. Не се случило дуќан да остане неиздаден ниту еден ден, едни си одат други доаѓаат. Цените се различни и во моментов не се знаат со сигурност зашто зависат од продавачот и од купувачот - велат дуќанџиите.
Експертите објаснуваат дека за кратко време големите шопинг-центри ќе ги изедат малите.
- Локалните бизнис-центри ќе колабираат, големите шопинг-центри ќе се развиваат, а на малите ќе им треба време да се приспособат на ситуацијата - велат во агенциите за недвижности.